НАШИТЕ ВИНА


100% Каберне Совињон
МОНТЕ РОСА
Елегантно суво розе вино произведено од внимателно одбрано грозје од сортата Каберне Совињон, одгледувано во сопствени лозови насади во регионот на Кратово.
Се одликува со нежна розово-црвеникава боја и свеж, овошен карактер. Во аромата доминираат ноти на вишна, надополнети со суптилни цветни и хербални нијанси. На непцето нуди препознатлива свежина, сув стил и лесно тело, со хармоничен и пријатен завршеток.
Совршено се комбинира со морски плодови, сирења, кашкавал и различни видови паста.
Препорачана температура на сервирање: 8–10°C

100% Темјаника
ТЕМЈАНИКА
Елегантно и ароматично вино со изразена комплексност и повеќеслојна структура, кое плени со интензивни ноти на бело цвеќе, зрела праска и суптилни мускатни нијанси. Краткиот контакт со лушпата додава длабочина и текстурална богатост, отворајќи слоеви на сушени кајсии, суво грозје и нежни медни акорди.
Живата и свежа киселост му дава баланс и го издолжува овошно-свежиот финиш, кој останува елегантен и чист.
Одлично се комбинира со рибни специјалитети, морска храна и лесни предјадења.
Препорачана температура на служење: 8°C

100% Шардоне
ШАРДОНЕ
Монтеко Шардоне претставува хармонија меѓу свежина и суптилна зрелост, со прецизно изграден карактер и елегантна структура.
Во аромата доминираат ноти на орев, свежо печена кора од леб и зрело бело овошје, кои се надополнети со лесна минералност. Виното завршува со дискретна, пријатна горчина која му дава должина и сериозност.
Идеално се комбинира со морски деликатеси, бело месо и разновидни сирења.
Препорачана температура на служење: 9°C

100% Вранец
ВРАНЕЦ
Монтеко Вранец претставува моќен и автентичен израз на македонскиот тероар.
Во аромата се препознаваат богати ноти на зрели црни плодови, сладунец и суптилни зачини, надополнети со изразена свежина и природна киселост. Лесно интегрираните дабови ноти му даваат структура, додека завршетокот е долг, топол и пикантен.
Одлично се комбинира со печено јагне, телешка коленица во кајмак и галичко овчо сирење со џем од боровинки.
Препорачана температура на служење: 16 – 18°C

100% Мерло
МЕРЛО
Елегантно и балансирано Мерло со прецизен овошен израз и фина структура. Во аромата доминираат ноти на црни цреши, кисела слива и дискретни нијанси на диви билки.
Кадифените танини и природната овошна сладост од совршено зрело грозје создаваат долг, мек и сочен финиш. Вино кое ја одразува посветеноста кон лозјата и прецизноста во визбата.
Одлично се комбинира со бавно печено месо, пире од целер, тестенини со вргањ и мајчина душица, како и чоколадни десерти со вишни.
Препорачана температура на служење: 16 – 18°C

100% Каберне Совињон
КАБЕРНЕ СОВИЊОН
Потекнува од лозјата под вулканските височини на Кратово, каде уникатниот тероар создава вино со силен карактер и прецизна структура.
Во аромата се препознаваат свежо црвено овошје, пикантни зачини и суптилни димени и дабови нијанси. Виното е елегантно, свежо и прецизно балансирано, со долготраен и чист финиш.
Претставува автентичен израз на планинскиот дух и современото винско мајсторство.
Одлично се комбинира со бифтек, рамстек и печени ребра со рузмарин и карамелизирани моркови.
Препорачана температура на служење: 16 – 18°C

50% Каберне Совињон, 50% Мерло
НЕРО
Софистициран и смел купаж од Мерло и Каберне Совињон, создаден од високопланински лозја каде ладните ноќи ја зачувуваат свежината, аромите и природната киселост на грозјето.
Продолжената мацерација на контролирани ниски температури овозможува екстракција на длабоки слоеви на темно шумско овошје, зачини и суптилни цветни тонови. Виното се одликува со кадифена текстура, елегантни танини и прецизно избалансирана структура.
Одраз на планински тероар и внимателно винско мајсторство, Неро нуди богат, но рафиниран гастрономски потенцијал.
Одлично се комбинира со коленица, ребра, јагнешки котлети и сино сирење.
Препорачана температура на служење: 16 – 18°C

50% Каберне Совињон, 25% Мерло и 25% Вранец
ФИЛИП
Живописно и префинето црвено вино со чист и јасен овошен израз, каде доминираат ноти на зрела капина, цреша и слива.
Создадено без употреба на даб, со цел да се зачува автентичниот и непреработен планински карактер на сортата. На непце е елегантно, со свиленкасти танини, суптилна пикантност и долг, хармоничен финиш.
Одлично се комбинира со дивеч, печено говедско месо и тврди овчи сирења.
Препорачана температура на служење: 16 – 18°C

100% Каберне Совињон
ВОЛКАНО
Каберне Совињон од селектирано сопствено лозје на вулканските почви во Кратово (над 600 м н.в.). Рачна берба, зреена 14 месеци во буриња Seguin Moreau Icône. Ова вино се одликува со графитни ароми, ноти на црвено овошје, зачини и чиста свежина. Вистинско отелотворение на македонскиот тероар.
Одлично се комбинира со црвени меса, црно чоколадо, ореви, суви сливи или смокви.
Препорачана температура на служење: 16 – 18 °C.
вински пристап
ТЕРОАР, СОРТА И ПРЕЦИЗНОСТ
Во Монтеко, виното започнува од лозјето. Внимателната селекција на грозјето, контролираниот процес во визбата и почитта кон природниот карактер на секоја сорта создаваат вина со чист израз, балансирана структура и долготраен впечаток.
Нашата цел не е да го промениме тоа што природата го дала, туку да го истакнеме на најдобар можен начин.

